Женската јуниорска репрезентација на Македонија доживеа пораз во првото коло од Европското првенство Б-дивизија што денеска почна во Софија.
На отворањето на шампионатот, нашите јуниорки загубија од Холандија со 43-64, па првата победа ќе ја бараат во дуелите со останатите ривали во групата. Македонската селекција добро се држеше во првото полувреме, на влезот од последната минута беше 19-22 за противникот за на голем одмор да се замине со +7 за Холандија (26-19).
Тесно беше и до средината на третата четвртина, но следуваше серија од 15-1 на холандските кошаркарки со кои дојдоа до водство од 46-26 и со тоа го скршија отпорот на Македонија. До крајот, играчите на Јелена Антиќ не успеаја да се вратат во игра и мораа да се помират со поразот.

Причините за поразот, нашата репрезентација треба да ги бара во големиот број загубени топки (36), двојно повеќе од противникот, но и во 16. промашени слободни фрлања иако во тој елемент не се прославија ни противничките (8/25). Марија Николов беше најефикасна и единствена со двоцифрен број поени (11), но имаше и 11 загубени топки. Според ефектот, најмногу се истакна Модева со 8 поени и индекс 12, а изненади 16-годишната Ања Начевска која оствари најмногу скокови во нашата репрезентација – 9.
Утре македонската репрезентација е слободна, а в недела ќе игра против Исланд. Во групата се уште Хрватска и Данска.