Најдобриот српски кошаркар Никола Јокиќ дефинитивно нема да биде дел од својата репрезентација на претстојното Светско првенство што ќе се одржи од 25 август до 10 септември, тврди порталот Моцарт спорт
Такво нешто се најавуваше од минатиот месец, уште откако тој со Денвер Нагетс ја освои титулата во НБА лигата, но и се очекуваше ваков развој на настаните поради напорната сезона која ја имаше МВП на финалната серија. Според порталот, постоела можност Јокиќ да се приклучи подоцна на подготовките, но на крајот сепак го информирал селекторот Светислав Пешиќ дека нема да патува на Далечниот исток. Се шпекулира и дека затоа Пешиќ уште не го објавил поширокиот список на кошаркари на кои ќе смета на Мундобаскетот и е единствен селектор кој не го направил тоа.
Отсуството на Јокиќ автоматски ја оддалечува српската репрезентација од борбата за златниот медал, но за несреќата да не оди сама, се погрижија и други кошаркари. Иако конечниот список не е објавен, извесно е дека на него ќе го нема ни Никола Калиниќ, како ни Василије Мициќ кој неодамна потпиша со Оклахома Сити Тандер и ќе се насочи на подготовка за дебитантската сезона во НБА лигата.
Иако веќе има 28 години и зад себе фантастична НБА кариера, Јокиќ се уште го чека првиот голем успех со српската репрезентација. Освои сребрен медал на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година, но тогаш не беше носител на играта, а со него во тимот, Србија потфрли на Светското првенство во 2019 година во Кина и на ланското Европско првенство на кои беше елиминирана во осминафиналето.