Третопласираниот тим од основниот дел на првенството на Македонија, ТФТ Моцарт денеска официјално поднесе пријава за настап во Кошаркарската Лига на Шампиони на ФИБА, на ден пред истекот на рокот.
Тоа ќе биде негов втор настап во ова натпреварување откако лани дебитираше во него, па дури и беше домаќин и организатор на еден од квалификациските турнири. Поради лошиот рејтинг на македонската кошарка во ФИБА, јасно е дека и сега ТФТ Моцарт ќе мора да почне од квалификациската фаза, но и тоа ќе биде уште едно големо искуство за еден од најмладите македонски клубови.
Сценариото е исто како и лани бидејќи минатата недела ТФТ Моцарт официјално доби потврда од АБА дека е примен за настап во втората лига од ова натпреварување. Сето тоа значи дека клубот од Тафталиџе го очекува бурно лето, па и есен, прво да склопи конкурентен тим, а потоа и успешно да се претстави на меѓународна сцена.