Иако одигра три квалитетни и неизвесни натпревари, ТФТ со само една победа се враќа од АБА 2 турнирот на Златибор.
По победата против Цедевита Јуниор и тесниот пораз од Пелистер, поранешниот освојувач на Купот на Македонија загуби од Хелиос со 63-70. Пораз, особено ваков, од најдобриот тим од основниот дел од минатата сезона не е неуспех, но останува жал поради тоа што ТФТ играше одлично 35 минути, на моменти имаше и висока предност, а сепак не успеа да победи.

Највисокото водство ТФТ го имаше на крајот од првото полувреме кога водеше со 40-33, на средина од третиот квартал имаше и 46-41, но потоа почна да паѓа во играта. Хелиос почна да се враќа, по 30 минути играше водеше и со 53-50, а неизвесноста продолжи до средината на последниот период. На точно пет минути пред крајот на мечот, ТФТ водеше со 58-55 по што почна финалниот спринт на Хелиос. Словенците го затворија натпреварот со серија од 15-5 и дојдоа до посакуваната и очекувана победа иако потешко од планираното.
Џелани Симонс беше убедливо најдобар играч на натпреварот со 21 поен, вклучувајќи 5 тројки од 11 шута. ТФТ ќе си замине од Златибор како претпоследен на табелата со биланс 1/4, а Хелиос има 2/3 со тоа што двете досегашни победи ги оствари против македонски екипи: МЗТ Скопје и сега ТФТ.