ТФТ се уште ја чека првата победа

0Shares
0 0

И по четвртото коло од новата сезона во АБА 2 лигата, екипата на ТФТ уште е без триумф откако денеска загуби од еден од фаворитите за највисок пласман Крка со 83-93.

Поради квалитетот и амбициите на противникот, денешниот пораз воопшто не е трагичен за освојувачот на Купот на Македонија, а и според бројот на постигнати поени, тимот од Тафталиџе постави клупски рекорд во регионалното натпреварување. Освен тоа, ТФТ одигра фантастично 14 минути во кои не само што го диктираше темпото, туку и водеше со десет разлика (29-19).

Се понатаму беше во знакот на Крка. До крајот на полувремето, ТФТ постигна само два поена, па словенечкиот тим со серија од 26-2 дојде до водство од 45-31, заклучно со стартот на третата четвртина. Нешто подоцна Крка водеше и со 68-50, а ТФТ во последните десет минути успеа да намали нешто од високата негатива и да ја спаси честа.

Лаклан Андерсон беше најефикасен во редовите на нашиот тим со 20 поени од кои 15 постигна во првата четвртина. Батрик додаде 14, а двоцифрени беа уште Ташовски со 11 и Николов со 10. Во последниот натпревар од турнирот во Сараево, в петок од 21 часот, ТФТ се среќава со Слога Краљево во обид да го скрши мразот и да дојде до првата победа.

0Shares
0 0