Полуфиналистот од оваа сезона во Првата македонска кошаркарска лига, ТФТ Моцарт, сепак, нема да учествува во квалификациите за Кошаркарската Лига на Шампиони на ФИБА.
Европската кошаркарска организација денеска ги објави 53. клуба кои ќе учествуваат во квалификациите и во основниот дел од вкупно 63 кои испратија пријава за ова натпреварување. За жал, ТФТ Моцарт е еден од десетте кои не успеаја да влезат во ждрепката, а како последица на лошиот рејтинг на македонските клубови во ФИБА. Македонија имаше опција да пријави еден клуб, ТФТ го искористи тоа и се обиде втора сезона да учествува во квалификациите за Кошаркарската Лига на Шампионите, но на крајот не успеа во тоа.
И лани беше слична ситуацијата со ТФТ со тоа што тогаш, во последен момент, лиценца за настап не доби францускиот По Ортез и нашиот клуб влезе на неговото место. Интересно е тоа што сега на листата на учесници во квалификациите фигурира името на Морнар од Бар за кого во текот на денешниот ден од црногорски медиуми имаше информација дека е во многу тешка финансиска ситуација и дека во прашање е доведен неговиот настап во АБА лигата за претстојната сезона.
За ТФТ Моцарт постоеше опција да се пријави во квалификациите за ФИБА Европа купот, но поради учеството во АБА 2 лигата, клубот од Тафталиџе тоа не го направи. Календарите на ФИБА Европа купот и АБА 2 лигата не се компатибилни и ТФТ Моцарт требаше да бира меѓу овие натпреварувања, па на крајот го избра регионалното.
Вечерва истекува рокот за пријавување екипи во ФИБА Европа купот, интерес постоеше од Работнички и МЗТ Скопје, но се уште е нејасно дали двата најтрофејни македонски клубови го искористија тоа.