По поразот од Работнички во првото коло, ТФТ Моцарт се наоѓа во серија од четири победи што во моментов е најдолга победничка низа во Првата македонска кошаркарска лига.
Последна жртва на тимот од Тафталиџе е Кожув кој денеска во Гевгелија загуби од ТФТ со 55-64. Со тоа, поранешниот освојувач на трофејот во Купот на Македонија остана на делба на првото место на табелата, со шампионот МЗТ Скопје.
Првите две четвртини ги одбележаа големи пресврти. ТФТ подобро го почна мечот, водеше со 13-7 и потоа со 15-8 по десет минути игра, за Кожув во 17. минута да ја достигне својата највисока предност (22-19). Следуваше уште еден пресврт сега благодарение на серијата на ТФТ со 12-2, благодарение на која гостите заминаа на голем одмор со 31-24. Тоа имаше големо влијане на натамошниот дел од играта, ТФТ подоцна поведе и со 37-27 и со највисоките +13 (43-30). Кожув во финишот се доближи на 52-56, но не успеа да направи уште еден пресврт.
Ташовски со 13 поени го предводеше ТФТ, Хотон постигна 12, а се истакна и Николов со 11 скока. Кај Кожув, Аристон и Хукиќ беа единствени двоцифрени, со 11, односно 10 поени.