Екипата на Тим Арена од Штип е најпријатното изненадување во М14 лигата чија завршница викендов се одржува во Крива Паланка.
Младите кошаркарки на овој тим го совладаа домашниот тим со 54-50 и утре ќе се борат за титулата во оваа конкуренција. Одлучи последната четвртина во која Тим Арена направи пресврт откако ја доби со 14-6. Најзаслужна за триумфот е Колева која постигна две третини од поените на Тим Арена (36) и ја наметна својата кандидатура за МВП на завршниот турнир.

Противник на Тим Арена во финалето ќе биде Бадел кој со 68-51 го победи Вардар. „Црвено-црните“ беа подобри во првото полувреме кое го добија со 29-27, но Бадел блесна во второто полувреме и со 41-22 се избори за пресврт и победа на овој меч. Сарафиловска со 28 поени го предводеше победничкиот тим, додека Начевска постигна 16 за Вардар.
Утрешното финале меѓу Тим Арена и Бадел се игра од 19:30 часот, а од 17, Крива Паланка и Вардар ќе одлучат кој ќе ја освои бронзата.