МЗТ Скопје уште еднаш ја потврди својата доминација во македонската кошарка, освојувајќи ја својата десетта титула во последните 11 сезони (во 2020 година не беше прогласен шампион поради пандемијата со корона вирусот).
Во финалната серија против Пелистер, аеродромци славеа со 3-0, а третата победа ја остварија вечерва во Битола, со 92-83. Со ова, МЗТ Скопје му се приклучи на Работнички како втор тим со двоцифрен број титули во македонското првенство иако се уште заостанува со пет во однос на својот градски ривал.

Пелистер денеска даде добар отпор во првото полувреме, но немаше доволно сила да се избори за четврти натпревар. Во воведната четвртина, битолчани водеа со 22-15 за еден непромислен потег на Карутерс да го врати МЗТ Скопје во игра со шест постигнати поени во еден напад. Домаќините останаа во водство до крајот на четвртината, подоцна и уште неколку минути за МЗТ Скопје со серија од 8-0 да отиде на 39-34 што беше највисока предност за овој тим во првото полувреме.
На голем одмор, шампионот замина со 41-39, Пелистер одржуваше резултатска неизвесност до средината на третата четвртина, а потоа МЗТ Скопје со серија од 12-3 отиде на 58-47. На стартот од последниот квартал скопската екипа поведе со највисоки 73-57 и тогаш стана јасно дека нема да има четврти натпревар во оваа серија.

Војдан Стојановски уште еднаш ја покажа својата класа и буквално сам го победи Пелистер. Постигна 33 поени со шест тројки од седум шута, додаде уште седум скока и оствари индекс 40, убедливо највисок од сите актери на теренот. Далеку зад него остана најефикасниот играч на Пелистер, Донтер Карутерс кој постигна 18 поени.
До новата шампионска титула, МЗТ Скопје стигна без пораз во плејофот откако во четвртфиналето го победи Кожув со 2-0, Работнички со 2-0 и Пелистер со 3-0. Во текот на целата сезона, од вкупно 29 натпревари, претрпе само два пораза.