Уште се свежи сеќавањата од минатото лето кога Работнички едвај склопи тим за да се натпреварува во Првата лига и му се предвидуваше борба за опстанок во елитната конкуренција, а во меѓувреме и борба за опстанок на клубот.
Обременет со долгови од претходните години, со тужби од поранешни домашни и странски кошаркари, па и членови на раководството, во прашање беше доведено функционирањето на Работнички кој од тие причини беше инфериорен во преговорите со кој било играч за кој покажуваше интерес. За неполна година, работите се сменија за 180 степени и сега речиси да не постои кошаркар во Македонија, особено слободен, кој не би сакал да го облече црвено-белиот дрес. Тие тоа воопшто не го кријат и во обична комуникација со нив, велат дека Работнички е најпосакуван клуб за нив.
Причината за тоа е финансиската стабилност која ја нуди колективот од Градски парк, високите и сигурни договори на кошаркарите, редовната исплата на платите како еден од ретките, можеби и единствен во земјава, а со сето тоа и желбата да се врати на врвот на македонската кошарка. Влезот на неколку реномирани компании како спонзори го направија интересен и надвор од границите на Македонија и нема да биде изненадување ако во новата сезона тој повторно заигра на меѓународна сцена на што веќе на големо се работи.

Работнички се обиде да ги засили своите редови и во зимскиот период, но тогаш, голем дел од играчите беа под договори со своите клубови и не можеа да добијат чисти документи или дозвола за трансфер. Сега ситуацијата е поинаква, пазарот е поголем, а раководството интензивно трага по засилувања кои ќе го вратат тимот на шампионските патеки. Од она што неофицијално го дознава КОШ.МК, на листата на желби се најмалку четворица македонски репрезентативци од кои преговори се почнати со Андреј Маслинко. Малешевиќ, Марковски и Бакоч, како и младите Шошкиќ и Бошалески се под договор, а во клубот сакаат да го задржат Ѓорѓе Ѓелетовиќ кој дојде во февруари, но остави силен впечаток.
Сето ова е на задоволство на армијата навивачи на Работнички кои во последните 14 години немаа многу причини за радост. Иако уште е најтрофеен клуб во земјава, од 2009 година освои само една шампионска титула и три Купа на Македонија, па МЗТ Скопје опасно му се доближи и се заканува дека во блиска иднина може да го преземе неговиот примат.