Финалистот во Купот на Македонија од минатата сезона Феникс ја оствари четвртата победа во првенството откако славеше на домашен терен против Еуро Никел со 86-82.
Со тоа, тимот од Гази Баба ги заборави поразите од Пелистер и МЗТ Скопје во претходните две кола. Мечот го одбележаа големите резултатски пресврти, а впечаток е дека Еуро Никел треба да жали што високата предност во финишот на ја претвори во победа.
Феникс имаше водство од осум разлика во втората четвртина (31-23), а Еуро Никел на седум минути пред крајот на мечот водеше со највисоки десет поени (75-65). Феникс потоа направи серија од 17-2 и поведе со 82-77, Еуро Никел израмни на 82-82, а победникот се решаваше во последните 80 секунди. На сцена во клучните моменти стапи Бојан Трајковски со осум поени по ред и уште една покажа колку е значаен за тимот на Феникс.
Џонс со 21 поени беше прв стрелец на Феникс, а по 17 постигнаа Метјус и Трајковски со тоа што поранешниот македонски репрезентативец додаде уште 7 скока и 7 асистенции. Сепак, треба да се истакне 17-годишниот Стефан Стојковиќ кој со своето влегување ја крена енергијата и го иницираше пресвртот, меѓу другото, постигнувајќи четири поени во клучната серија. Дарко Соколов го предводеше Еуро Никел со 19 поени.