Тренер во САД суспендиран бидејќи неговиот тим победил со 88 разлика

0Shares
0 0

Во многу клубови, победа со 88 поени разлика ќе се смета за огромен успех, но во Sacred Heart Academy од Хамден, Конектикат тоа не е случај.

Женскиот тим на оваа академија го победи Лајман Хол со 92-4, а најдебелиот крај по овој резултат го извлече тренерот на победничкиот состав Џејсон Кирк. Тој е суспендиран бидејќи немал милост кон противникот, а сето тоа поради неговиот колега од спротивната страна.

Првичната идеја била Кирк формално, јавно да се извини за високата победа, но тренерот на Лајман Хол, Том Липка побарал потешка санкција со образложение дека тој лично дал придонес за убедливиот пораз затоа што ги терал своите кошаркарки да играат пресинг по цел терен и покрај убедливата предност во финишот. Тоа резултирало со неколку украдени топки и лесни поени. На полувреме било 56-0, на крајот од третата четвртина 80-0, а Лајман Хол поените ги постигнал во последниот квартал.

Поради ова, Кирк нема да биде на клупата на Sacred Heart Academy во дуелот против локалниот ривал Хамден, но ќе има можност да му се одмазди на Липка, макар и со нова санкција, на 28 јануари кога овие две екипи повторно се среќаваат.

Казните за тренерите по убедливи победи во САД не се нешто ново. Во 2015 година, Аројо Вејли го совлада својот ривал со 161-2 по што тренерот на тимот Мајкл Андерсон бил суспендиран на два натпревара. Пред дисциплинската комисија тој се правдал дека не знаел дека противникот е толку слаб.

0Shares
0 0