На денешен ден се навршуваат 30 години од смртта на еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња Дражен Петровиќ.
Кошаркарскиот Моцарт, како што го нарекуваа поради неговите вонсериски квалитети, загина на 7 јуни 1993 година, во сообраќајна несреќа во Денкендорф, во близина на Ингелштад. Дражен Петровиќ се враќаше од Вроцлав каде до претходниот ден играше дополнителни квалификации за пласман на Европското првенство што се одржа во Германија. Требало во Хрватска да пристигне со остатокот од репрезентацијата, но во последен момент се премислил и одлучил да патува со автомобил, во приватна режија.

Тргнал на пат со неговата тогашна девојка, германската манекенка Клара Саланци која го возела темноцрвениот Голф, а со нив двајца, на патувањето била турската кошаркарка Хилал Едебал, пријателка на Клара. Во моментот на несреќата. Петровиќ спиел.
Саланци го управувала Голфот со кој удрила во камион, односно шлепер-цистерна кој обидувајќи се да претекне возило, ја загубил контролата, ја пробил оградата и влегол во спротивната лента од автопатот. Видливоста била многу слаба, според извештаите, Саланци возела со брзина од 160 километри на час, не успеала навреме да реагира и судирот бил неизбежен. Таа и Едебал ја преживеаја несреќата, но не и Дражен кој загина на лице место.
Веста за смртта на Дражен Петровиќ во црно го зави хрватскиот спорт, но и хрватскиот народ воопшто имајќи предвид дека во тој период беснееше граѓанската војна на просторите на поранешна Југославија. Неполн месец претходно, Дражен ја заврши својата најдобра НБА сезона во кариерата во која, како член на Њу Џерси Нетс, просечно постигнуваше по 22,3 поени, 2,4 асистенции и 2,3 скока и беше избран во третата најдобра петорка во лигата што во тој период, за европски кошаркар беше огромен успех.

Петровиќ загина на 28-годишна возраст, во пикот на својата кариера иако и дотогаш веќе имаше освоено еден куп трофеи и беше идол и миленик на цела Југославија. Два пати триумфираше во Купот на шампионите со Цибона, два пати го крена пехарот Купот на победниците на куповите, а најголемите успеси ги оствари со југословенската репрезентација. Со неа беше европски шампион во 1989 и светски една година подоцна, освои сребро на Олимписките игри во 1988 и уште по една бронза на секое од големите натпреварувања. За хрватската репрезентација дебитираше на Олимписките игри во Барселона каде „коцкестите“ стигнаа до финалето и таму му пружија голем отпор на најсилниот состав во историјата, американскиот „дрим-тим“ кој суверено дојде до титулата.

Кариерата ја почна во 1979 година во матичната Шибенка каде остана четири сезони. По една сезона пауза поради отслужување на воениот рок, се пресели во Цибона во која играше до 1988, една година беше член на Реал, а потоа замина во НБА. Првите две сезони беа ужасни, иако со Портланд стигна до големото финале, немаше никаков придонес во играта на овој тим. Во 1991 година се пресели во Нетс каде се препороди, но смртта го спречи да ја покори и Америка.

Постхумно, Дражен беше примен во Куќата на славните на ФИБА и на НБА, прогласен е за еден од 50. најдобри играчи во историјата на Евролигата и еден од 50. најдобри играчи според ФИБА, а освои уште низа индивидуални признанија. Неговиот дрес со број 3 е повлечен од Њу Џерси Нетс (сега Бруклин Нетс), како и „десетката“ од Цибона.
И три децении по смртта, споменот на Дражен Петровиќ предизвикува емоции, па и солзи кај повозрасните љубители на кошарката на просторите на поранешна Југославија. Во негова чест, во Загреб е отворен Меморијален музеј кој го води неговата мајка Бисерка.