Најавената реконструкција на Реал веќе почна да се реализира со заминувањето на тројца кошаркари од екипата која настапуваше во штотуку завршената сезона.
Во составот повеќе ги нема Адам Ханга и Петр Корнели, а играч на Реал повеќе не е ни Најџел Вилијамс Гос. За првите двајца нема најави каде би можеле да продолжат додека Гос е на радарот на грчкиот шампион Олимпијакос. Наводно, јлубот од Пиреја му понудил двегодишен договор на Американецот и тој треба да биде ново засилување, по Никола Милутинов чиј договор официјално беше објавен во текот на вчерашниот ден.
Освен на заминувања, во Реал се работи и на ангажирање кошаркари, па при крај се договорите со неколку кошаркари. Според информациите од шпанските медиуми, претстојната недела треба да биде објавено продолжувањето на соработката со Серхио Љуљ, Серхио Родригес и Карлос Алосен, како и враќањето на Факундо Кампацо.