Цибона се раздели со тренерот, тимот ќе го води екс-играчот на Работнички

0Shares
0 0

Точно 11 месеци откако го презеде тимот, српскиот стручњак Владимир Јовановиќ доби отказ од тренерската функција во Цибона.

Беше дочекан со голем ентузијазам, на почетокот оствари добри резултати, а и во новата сезона во АБА лигата влезе исклучително силно, со серија победи. Сепак, последните месеци дојде до криза во играта и резултатите, а сметката за тоа ќе ја плати Јовановиќ. Цибона е во серија од шест порази во АБА лигата, но чашата ја прели синоќешниот пораз од Забок во домашното првенство по кој дојде до спогодбен раскин на договорот. Серијата лоши резултати дојде како последица на големиот број повредени кошаркари и заразени со ковид-19.

„Во име на целиот клуб, сакам да му се заблагодарам на Јовановиќ за трудот, позитивната енергија и на се што вложи во работата со тимот. Свесни сме за ситуацијата, околностите и предизвиците со кои се соочи во последно време и поради тоа уште повеќе сме му благодарни и му посакуваме успеси во иднина“, изјави директорот на Цибона, Мауро Лукиќ.

Цибона утре гостува кај Мега во рамките на АБА лигата, а екипата ќе ја води досегашниот помошник на Јовановиќ и поранешен играч на Работнички, Бариша Красиќ. Најсериозен кандидат за перманентен наследник на Јовановиќ е Јосип Сесар.

0Shares
0 0