Од 15 до 17 септември во СЦ „Јане Сандански“, ќе се одржи третото издание на интернационалниот турнир „Драган Василов – Цевка“, во чест на легендарниот кошаркарски стратег чија пасија беше работа со младите категории.

Турнирот се однесува за генерација на кошаркари до 15-годишна возраст кои ќе имаат можност во силни натпревари да ги одмерат силите и да стекнат значајно кошаркарско искуство. Организаторите се погрижија турнирот не само да биде од интернационален карактер, туку на него да учествуваат силни екипи.

Најзвучно на име на листата на учесници е Партизан од Белград, а во Скопје доаѓа и повеќекратниот романски првак Клуж, потоа Перник од Бугарија, Интер од Братислава, црногорскиот состав „All Star“, клуб познат по врвната работа со млади категории во оваа земја и КК Триумф од Ниш. Од македонските екипи, претставници на турнирот ќе бидат екипите на МЗТ Скопје и на Вардар.

Организатор на турнирот „Драган Василов Цевка“ и оваа година е Општина Аеродром, а помагатели се КФСМ и Македонскиот Олимписки Комитет. Влезот за натпреварите на овој турнир во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен.