Турците ја нападнаа Барселона поради својот центар

0Shares
0 0

Кошаркарската федерација на Турција остро реагираше на одлуката на Барселона, да не му дозволи на својот кошаркар Сертач Шанли да игра за својата репрезентација на квалификацискиот дуел против Велика Британија.

Барса вчера играше против Жалгирис во Евролигата и нема обврски, односно натпревари до петок кога гостува кај Анадолу Ефес, поранешниот тим на Шанли. И покрај тоа, стручниот штаб и раководството на клубот не му дозволија на центарот да замине во татковината и утре да се најде во составот за дуелот што се игра во Истанбул.

„Сертач Шанли, кој е член на Барселона, нема да биде во составот за квалификацискиот натпревар меѓу Турција и Велика Британија затоа што клубот не му даде дозвола. За ова ја информиравме ФИБА и ги презедовме потребните мерки“, се вели во соопштението од Кошаркарската федерација на Турција.

И покрај протестот од Турската федерација, Барселона нема обврска да го пушти Шанли или кој било друг кошаркар и не одговара пред ФИБА затоа што не е нејзина членка. Сепак, Турците со право се лути бидејќи шпанскиот шампион веќе му дозволи на Брендон Дејвис да игра за Уганда во африканските квалификации за Мундобаскетот и тој не беше во составот на вчерашниот натпревар против Жалгирис, но затоа играше против Мали и Зеленортските Острови, а ќе настапи и утре против Нигерија.

0Shares
0 0