Иако Телеком Бон е најголемо освежување во германската кошарка, убедливо прва сензација е тимот на Улм кој обезбеди пласман во големото финале од Бундеслигата.
До серијата за титулата, тимот од градот покрај Дунав стигна елиминирајќи ги најдобрите две германски екипи во претходните пет години. Прво го исфрли бранителот на титулата Алба, а синоќа го докусури Баерн кого во полуфиналето го совлада со 3-0.
Последниот натпревар, Улм го доби со 104-102 по продолжение откако во последната четвртина од основниот дел испушти предност од 16 разлика (80-64). Со серија од 26-7, Баерн поведе со 90-87, но не успеа да го задржи водството и мечот отиде во дополнителни пет минути. Во нив Улм подобро се снајде, постојано беше во предност и на крајот дојде до третата победа која го однесе во финалето.
Во него ќе се сретне со подобриот од серијата меѓу Бон и Лудвигсбург во која тимот на македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс има предност од 2-0. Третиот натпревар се игра вечерва и можно е по неговото завршување да се знае вториот финалист.