Упорноста секогаш се исплати: Адамовска се враќа во тимот на Бадел

0Shares
0 0

По двегодишна агонија и две тешки повреди, 23-годишниот бек Сања Адамовска се врати во полн ритам и ќе биде во комбинација во екипата на Бадел во вториот дел од сезоната.

Таа ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото на 14 април минатата година, на дуелот против Крива Паланка во Првата лига, десетина дена подоцна ѝ беше извршена операција на Клиниката за хируршки болести во Скопје по што следуваше деветмесечна тешка и напорна рехабилитација. Неодамна почна да тренира со полн капацитет и би требало да биде во комбинација за утрешниот дуел од ВАБА лигата, против Будуќност.

„Во текот на изминатите две сезони, во период од една и пол година, двапати се повредив односно доживеав руптура на преден вкрстен лигамент и на двете колена.

Иако процесот и периодот на рехабилитација и враќање на терен беше долг и прилично тежок, физички и психички, среќна сум што покрај мене ги имав вистинските луѓе, како од стручни лица кои ја следеа мојата работа и прогрес, така и од семејството и блиските пријатели кои беа неуморна и огромна поддршка. Исто така сакам да ја нагласам и поддршката од девојките кои се или биле дел од кошарката на каков било начин.

Чувството да се гледа од клупа би го опишала како ‘толку блиску, но сепак толку далеку’. Секако е болно, на моменти дури и фрустрирачко, но на некој начин мораш да ја префрлиш енергијата што би ја дал на теренот, врз клупата и атмосферата, зашто во тој момент на девојките што се во игра тоа многу им значи“, изјави Адамовска за клупската интернет страница.

Таа е поранешна младинска, а пред повредата и сениорска репрезентативка на Македонија. Со оглед на нејзината упорност, никој не се сомнева дека со сите сили ќе се бори повторно да го облече националниот дрес.

Фото: КК Бадел

0Shares
0 0