Првпат во својата историја, Студентски Центар ќе игра во финалето од АБА Суперкупот откако вечерва приреди сензација и го елиминира големиот фаворит Будуќност чија филијала е.
Во црногорското дерби, Студентски Центар славеше со 69-63 и утре против Партизан ќе се бори за титулата во ова натпреварување. Со ова, на „црно-белите“ максимално им се отвори патот бидејќи во полуфиналето ја избегнаа Олимпија поради изненадувачката победа на Игокеа, а во финалето нема да се судрат со Будуќност пред 5.000 негови навивачи.
Интересно е тоа што победата на Студентски Центар воопшто не беше случајна бидејќи овој тим постојано се наоѓаше во водство. Будуќност имаше 14-13 на почетокот од втората четвртина, но Студентски Центар брзо ја врати предноста и ја одржа до крајот. Во драматичниот финиш, фаворитот успеа да се доближи на 55-58, но следуваше тројка на Капуста, потоа два поена на Доукинс и Будуќност повеќе не доби шанса за победа.
Финалето од АБА Суперкупот се игра утре од 21 часот, а претходно, од 18, за третото место ќе се борат Игокеа и Будуќност.