Откако минатата недела Божидар Маљковиќ објави дека Никола Јокиќ ќе игра на претстојните Олимписки игри во Париз, своето присуство го потврди и поранешниот МВП на Евролигата, Василије Мициќ.
Искусниот плејмејкер од оваа сезона е член на Оклахома Сити Тандер и откри дека сигурно ќе ја прифати поканата од селекторот Светислав Пешиќ ако тој одлучи да го повика.
„Се надевам дека ќе бидам дел од екипата на Олимписките игри. Имаме одлична екипа, тоа го покажавме на Светското првенство. Ако бидеме комплетни, ќе имаме супертим кој ќе може да претендира на највисок резултат“, изјави Мициќ по синоќешниот меч на неговиот тим со Чикаго Булс на кој тој не добие ниедна секунда во игра.
Ни Мициќ, ни Јокиќ, а ни уште најмалку петмина стандардни репрезентативци не беа во составот на српскиот национален тим на Светското првенство на кое четата на Светислав Пешиќ го освои сребрениот медал. Олимписките игри ќе бидат многу посилни отколку Мундијалот бидејќи Американците планираат да дојдат во најсилен состав, а и останатите репрезентации кои досега обезбедија пласман ќе играат со своите најдобри кошаркари.