Американскиот кошаркар Џелани Симонс е првото засилување за ТФТ Моцарт и воопшто првиот потврден нов играч за идната сезона во македонското првенство.
Има 24 години, висок е 197 сантиметри и може да ги покрие позициите 2 и 3. Според конституцијата, многу потсетува на Хортон кој лани го носеше дресот на тимот од Тафталиџе. Минатата сезона ја поминал на Универзитетот Јужна Индијана, играјќи во НЦАА-Д каде на 32 натпревара, просечно постигнувал по 13,4 поени, 3,6 скока и 1,5 асистенции.

Веќе стана традиција, ТФТ Моцарт да го склопува ростерот прв меѓу прволигашките екипи. За идната сезона, се очекува костурот да остане ист кога станува збор за македонските кошаркари со тоа што ќе се сменат дел од странците, можеби и сите.
Со оглед на тоа што ги исполнува условите, ТФТ Моцарт многу веројатно, повторно ќе настапува во АБА 2 лигата и се очекува во јули и тоа прашање да биде официјално затворено.