Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ од денеска е слободен играч откако спогодбено го раскина договорот со прволигашот од Шпанија, Валенсија.
Иако пред две години потпиша за овој клуб, каде дојде од Хувентут, нашиот плејмејкер само една сезона бидејќи новиот тренер Алекс Мумбру не сметаше на него. Во натпреварувачката кампања 2021/22 одигра 33 натпревари со просек од 8,4 поени, 39 асистенции и 1,5 скок. Лани замина на позајмица во рускиот Уникс што излезе многу подобра опција бидејќи ја освои титулата во ВТБ лигата и притоа беше прогласен за МВП на плејофот во ова натпреварување.

„Клубот сака да му се заблагодари на Димтријевиќ за работата и професионализмот во периодот додека ги бранеше боите на Валенсија и да му посака се најдобро во иднина и на професионален и на приватен план“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Валенсија.
Димитријевиќ имаше договор со овој клуб на уште две сезони, а засега нема најави каде би можел да ја продолжи кариерата. Сигурно е само дека понуди нема да недостасуваат бидејќи македонскиот ас игра во животна форма.