На околу еден месец пред почетокот на подготовките за новата сезона во која повторно ќе игра во Првата лига, Вардар полека го склопува играчкиот мозаик.
Главна цел на раководството и стручниот штаб беше да се задржи костурот на екипата што е остварено. Договорите со Вардар ги продолжија Андреј Атанасов, Хусеин Бајрам и Блажо Митков, а клубот не отстапува од својата филозофија – да им даде шанса на младите кошаркари.
Како резултат на сето тоа, црвено-црните во новата сезона ќе бидат база на репрезентативци во младинските категории. Остануваат Марко Луканоски и Павел Иванов, а нешто поголема шанса ќе добијат Илин Најков и Жарко Терзиевски, играчи родени 2007 и 2008 година кои допрва треба да се истакнат во сениорска конкуренција. Договорено е и првото засилување, јуниорскиот репрезентативец Ангел Стојанов кој до минатата сезона играше во Работнички, а во моментов е на Европското првенство Б-дивизија во Португалија.
Планирано е да има и најмалку двајца странски кошаркари чии имиња ќе бидат познати во следниот период бидејќи преговорите се во тек. Едниот треба да биде плејмејкер, а другиот да ги покрива позициите 4 и 5.