Вардар победи со 85 разлика, Терзиевски оствари трипл-дабл

0Shares
0 0

Кадетите на Вардар дојдоа до една од најубедливите победи на една македонска екипа на меѓународна сцена, совладувајќи го чешкиот тим Пелхримов со 120-35 во второто коло од турнирот на Европската младинска лига (EYBL) што се одржува во Шопрон.

Јасно беше дека нашиот тим е фаворит за триумф, но малкумина очекуваа тој да биде изразен со 85 поени разлика. Веројатно ќе беше и победлива ако во финишот не дојдеше до мало опуштање, па противникот постигна седум поени во низа за ублажување на дебаклот. Во цело прво полувреме, Вардар прими само девет поени, а втората четвртина ја доби 22-1.

Натпреварот ќе остане во сеќавање на еден од најталентираните македонски кошаркари на оваа возраст (2008 година) Жарко Терзиевски кој го оствари првиот трипл-дабл во кариерата. За само 18 минути на теренот постигна 28 поени со одличен шут од игра (12/14 за два, 1/2 за три), а додаде уште 10 скока и 10 украдени топки. Двоцифрени беа уште Ефтимовски (25 поени), Нешовиќ (14), Ѓорѓевиќ (14), Стојановски (11) и Калид (10).

Статистиката од натпреварот е брутална: Вардар постигна 102 поена од рекетот, оствари вкупен индекс 158, имаше 35 украдени, но и 30 загубени топки. Останува надежта дека Јованчев нема да добие отказ поради непочитување на противникот.

По одличниот прв ден во кој остварија две победи, вардарци утре играат само еден натпревар, против Виена Јунајтед од 13 часот.

0Shares
0 0