Една од најдобрите школи во Македонија, Вардар во иднина потесно ќе соработува со гостиварскиот клуб Петрески.
Двата кошаркарски субјекта потпишаа договор за соработка со кој Петрески ќе стане еден вид филијала на Вардар со сите екипи со кои работат гостиварци. Најталентираните кошаркари и во машка и во женска конкуренција, во иднина ќе бидат прекомандувани во „црвено-црниот“ табор, а екипите на Петрески ќе учествуваат во кошаркарската лига што ја организира Вардар.
Кошаркарскиот клуб Петрески е сопственост на поранешниот играч на Николферт, сега професионален тренер Мирко Петрески кој го привлече вниманието на македонската, но и европската јавност со својата работа во турскиот прволигаш Бурсаспор во сезоната 2021/22. Тој тогаш му беше асистент на Душан Алимпијевиќ и заедно го однесоа тимот во финалето од ФИБА Еврокупот како најголема сензација во европската кошарка.
Клубот постои повеќе од две децении, а низ него продефилираа стотици деца од некои има и такви кои до ден-денес играат во македонските лиги.