Кошаркарската федерација на Македонија го прогласи дуелот меѓу Вардар и Работнички за натпревар од висок ризик.
Мечот е закажан за утре од 18 часот во малата сала на СРЦ Кале, во рамките на петтото коло од Првата македонска кошаркарска лига. Одлуката предизвика револт кај навивачката група на Работнички, Сити Парк Бојс која претходно најави дека организирано ќе го бодри својот клуб што, веројатно, е причината натпреварот да биде прогласен од висок ризик. Веднаш потоа, повторно се јавија СПБ кои сега најавија бојкот.
„И повторно најголемиот непријател на кошарката во Македонија е кошаркарската федерација. Неофицијално е најавено присуство на двете навивачки групи, па така стручњаците за организирање натпревари од федерација заедно со полицијата донесоа заклучок дека натпреварот е од висок ризик со што не ограничија на само 40 карти.

Прашање до федерацијата дали салата воопшто ги исполнува минималните услови за одржување на еден прволигашки натпревар за кои ни беше оневозможено да играме во Градски Парк? Зошто после толку време кога салите повторно почнаа да се полнат се ставааат не логични ограничувања и забрани? Зошто наместо да биде празник за сите со добра атмосфера секој натпревар ја погребувате кошарката се повеќе и повеќе?!
Во знак на револт одлуката на групата е утрешниот натпревар да го “разубавиме” со нашето НЕ ПРИСУТСТВО. Нека остане во салата комесарот сам со неговиот претседател и заедно нека уживаат во спортот кој го убиваат.
ЗАБРАНЕТЕ СЕ И ОСТАНЕТЕ САМИ,
ШТО ЌЕ ВИ Е ВАС ПУБЛИКА И ПОЛНИ САЛИ!!!“, пишува во соопштението од Сити Парк Бојс.
Работнички пред неколку дена доби казна поради нередите на дербито со МЗТ Скопје и следните два натпревара како домаќин ќе игра без публика. Тоа значи дека тимот од Градски парк ќе биде без поддршката од навивачите и на дуелите со Еуро Никел ил Охрид.