Уште три дена остануваат до почетокот на Европското првенство Б-дивизија за кошаркари до 20 години на кои Македонија како домаќин ќе се обиде да се пласира меѓу најдобрите три репрезентации и да оствари пласман во елитната дивизија.
Младинската селекција се подготвува речиси еден месец, пред два дена ја имаше генералната проба против Холандија и ги прави последните подготовки пред првиот меч од првенството, против Чешка, в петок. Селекторот Никола Василев пренесува каква е ситуацијата во моментов во репрезентацијата.
„Атмосферата во тимот е одлична, последните денови се работи на хемијата меѓу играчите на теренот, а од вчера се наоѓаме во карантин каде ќе го дочекаме стартот на првенството. Можеби можевме и требаше да одиграме уште некој пријателски натпревар во рамките на подготовките, но тоа е. Имавме три подготвителни дуели на кои видовме до каде сме и кои се нашите недостатоци, се соочивме и со повреди на неколку кошаркари, не бевме постојано комплетни, но најважно е што во моментов сите се здрави и подготвени за настап.

Од она што остана како впечаток досега, мора да играме силна одбрана во текот на сите 40 минути за да бидеме конкурентни на првенството и да ја оствариме целта. Сепак, сметам дека подготвени за она што не очекува“, вели Василев за КОШ.МК.
Со оглед на тоа што се работи за кошаркари на возраст од 20 години кои се веќе „готови“ играчи, јасно е дека конкуренцијата ќе биде голема и тешка иако е првенство од Б-дивизијата. Пласман во елитата обезбедуваат првопласираните три на шампионатот што ќе биде предизвик за македонската репрезентација, но селекторот не сака да избрзува со прогнозите и проекциите.

„Би сакал да одиме чекор по чекор, во моментов најважно е да ја поминеме групата, па потоа можеме да размислуваме за се, за сите опции. Како конкуренти за највисок пласман ги гледам Чешка, Финска и Шведска, но и ние ќе се обидеме да се вмешаме во борбата за медалите“, додава Василев.
Европското првенство Б-дивизија се игра во Скопје од 7 до 16 јули. Македонија е во групата А, со Чешка, Словачка, Бугарија и Ирска, а место во четвртфиналето има за првите две репрезентации на крајот од групната фаза. Во стручниот штаб на Василев се младите стручњаци Нино Чачиќ и Миодраг Тодоровиќ.