Претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин во интервју за руска телевизија потврди дека Емил Рајковиќ ќе ја води екипата и претстојната сезона.
Лани, најуспешниот македонски стручњак потпиша договор на 1+1 сезона, првата ја заврши, а клубот има доверба во него и ќе го задржи и претстојната. Без разлика што од објективни причини не ја освои шампионската титула во ВТБ лигата, Рајковиќ собори низа рекорди кои многу веројатно ќе важат уште долго време. На тоа, меѓу другото, се осврнува Ватутин во своето интервју.
„Јасно е дека не сме задоволни од резултатот оваа сезона, не бевме подготвени за тешка битка во полуфиналето. Првиот удар, очекувано, оди кон тренерот, но не би било фер, а и не е тоа во нашите правила, да обвиниме само еден човек за неуспехот. Тренерот секогаш е ‘заложник’ на настапите на играчите, нивното здравје, кондиција, расположение, можностите за селектирање на кошаркари. Имам голем респект кон тренерите и затоа се обидувам да направам драстични промени кои, како што гледам, се потребни.

Животното искуство ни покажува дека треба да се има трпение во вакви процеси. Во 2012 година имавме фантастичен тим: Кириленко, Теодосиќ, Шишкаускас, Хрјапа, Крстиќ… Бевме фаворити, игравме спектакуларна кошарка, но драматично изгубивме во финалето од Олимпијакос. Подоцна ја освоивме ВТБ лигата, но болката од тој пораз во Евролигата беше преголема и Казлаускас беше отпуштен. Верувајте ми дека постојано размислував за тоа дали таквиот потег ни беше правилен. Нема точно одговор на тоа прашање или попрецизно, различно е за секого.
Кога станува збор за Рајковиќ, важно е да се знае дека Швед беше повреден два месеца и не играше, потоа се повреди Милутинов, а целата наша сезона беше решена во продолжението од седмиот натпревар во поолуфиналето или поточно, еден или два напада, еден или два шута. Малку повеќе среќа да имавме, сега ќе зборувавме за способноста на Рајковиќ да се соочи и да излезе на крај и при најтешките ситуации.

Треба да се знае и тоа дека Емил првпат води клуб на вакво ниво, со толкав притисок и во од мораше да научи некои работи. Не мора да значи дека тренер со евролигашко искуство ќе имаше подобар резултат. Серијата за третото место против Зенит беше аргумент дека Рајковиќ не го ‘загуби’ тимот по оној пораз во полуфиналето.
Во услови во кои буџетот на клубот е сериозно редуциран, знам дека на Емил не му е лесно да работи, но се надевам дека ќе извлече поука од оваа сезона и ќе даде се за добар резултат“, вели Ватутин.
Рајковиќ оваа сезона беше прогласен за тренер на годината во ВТБ лигата што е негово второ такво признание во кариерата. Не можеше да биде поинаку, ако се знае дека убедливо го освои првото место во основниот дел од сезоната, па оттука е јасно зошто раководството на клубот одлучи да му даде нова шанса.