Вторпат во историјата, Јапонија е домаќин на светско првенство иако сега во соработка со Индонезија и Филипини откако во 2006 година самостојно го организираше овој настан.
За јапонската репрезентација ова ќе биде шести настап на мундијалите, но не може да се пофали со големи успеси. Од вкупно 26 одиграни натпревари досега, оствари само пет победи, на претходниот настап немаше ниедна (0/5), а најдобро помина во 1967 година славеше два пати на осум меча и го освои 11. место во конечниот пласман.

Јапонија учествуваше во квалаификациите само формално бидејќи како ко-домаќин го имаше обезбедено настапот на Светското првенство. Фактот дека сигурно ќе игра на првенството им овозможи на Јапонците да играат полабаво, па во првата фаза остварија само две победи и тоа против Тајван, а во втората остварија 3/3 со тоа што, од посилните селекции го победија само Иран.
Голем проблем за јапонската репрезентација ќе биде неиграњето на најдобриот играч Руи Хачимура кој одлучи да го прескокне ова првенство. Така, целиот товар ќе падне врз втората ѕвезда во репрезентацијата Јута Ватанабе кој последната сезона одигра 56 натпревар за Бруклин Нетс со не многу забележлив ефект. За добар пласман, мора на помош да му дојдат Јудаи Баба, Јуки Кавамура, Кејсеи Томинага, како и натурализираниот Џош Хоукинсон.

Селектор на Јапонија е 56-годишниот американски стручњак Том Ховејс кој како играч, 10 години поминал во јапонското првенство и добро го знае тамошниот менталитет. Беше селектор и на женската репрезентација со која освои четири медали на големите натпреварувања, а најважната е среброто од Олимписките игри во Париз. Од лани ја предводи машката селекција, но тука ќе му треба малку повеќе труд и среќа за да оствари добар резултат.
Во групата со Финска, Германија и Австралија, репрезентацијата на Јапонија делува како аутсајдер, но поради тоа што ќе игра на домашен терен, никој не смее да ја отпише.