Репрезентацијата на Јужен Судан е еден од четирите дебитанти на светските првенства, покрај Зеленортските Острови, Грузија и Летонија.
Во исто време, Јужен Судан е најмлада држава која ќе игра на овој шампионат бидејќи својата независност ја прогласи во јули 2011 година, а Федерацијата беше примена во ФИБА две години подоцна. Веќе беше едно од најголемите изненадувања во светот поради одличниот настап во квалификациите за овој Мундијал во кои претрпе само еден пораз на 12 натпревари. Како резултат на тоа го освои првото место во групата од која на првенството се пласира уште Египет.

Со оглед на тоа што на меѓународна сцена се натпреварува само една деценија, Јужен Судан има само учество на големите натпреварувања и тоа на Афробаскетот во 2021 година кога го освои седмото место со биланс од три победи и два пораза. Во четвртфиналето тогаш загуби од Тунис кој подоцна ја освои шампионската титула.
За македонската јавност, најпознат кошаркар во составот на Јужен Судан е поранешниот играч на МЗТ Скопје, Нуни Омот кој е роден во Кенија, но доби пасош на оваа држава во пресрет на квалификациите за Светското првенство. Тој е еден од четворицата, покрај Маренг Гаткуот, Денг Акуоут и Падиет Ванг кои ги одиграа сите 12 натпревари во квалификациите и имаше просек од 15,1 поен и 4,4 асистенции за 25 минути во игра со пто беше најдобар стрелец во репрезентацијата. Акуот е центар висок 211 сантиметри, а капитен е Куани Нгор Куани, но тој нема толку силен импакт во играта.

Селектор е 42-годишниот Ројал Ајви кој безмалку цела своја играчка кариера ја помина во НБА, а и како тренер работи во најсилната светска кошаркарска лига, но како асистент. Играше за Атланта, Милвоки, Филаделфија и Оклахома, настапуваше една деценија и забележа вкупно 492 натпревара во НБА. Како тренер работеше во Оклахома, Њујорк и Бруклин, а во мај годинава е назначен за асистент на Име Удока во Хјустон. Селектор на Јужен Судан е од 2021 година и оствари огромен успех со пласманот на Светското првенство.
Со оглед на тоа што е дебитант, Јужен Судан е голема непознаница за светската кошаркарска јавност иако во квалификациите беше подобар од африканскиот шампион Тунис. За противници во групата ги има Србија, Порторико и Кина и евентуален пласман во нокаут фазата би било големо изненадување.