Вторпат во историјата, репрезентацијата на Филипини ќе биде во улога на домаќин на светско првенство, по она во 1978 година кога не се прослави и имаше биланс 0-8, но само поради тогашниот систем на натпреварување го освои осмото место во конечниот пласман.
Сепак, кошарката има долга традиција во Филипини, националниот тим по седми пат ќе учествува на планетарните смотри, а најголемиот успех го оствари во 1954 година со освојувањето на третото место и бронзениот медал. На претходниот шампионат беше последнопласиран. Своите натпревари на претстојниот Мундобаскет ќе ги играат во Филипини арена која е со капацитет од 55 илјади места, како и во Аранета Колисеум каде собира 15 илјади навивачи и се очекува голема поддршка од трибините.

Најголема ѕвезда во филипинската репрезентација е бекот на Јута Џез, Џордан Кларксон, но ќе му треба поддршка од 223-сантиметри високиот центар Каи Соту и браќата Кифер и Тирди Равена. Многу работи зависат и од Боби Реј Паркс кој настапува во највисокиот ранг од јапонската кошарка и не треба да биде изненаден ако за време на натпреварите влезе во страшен ритам и го наполни противничкиот кош,
Селектор е Винсент Рејес, домашен стручњак кој работи како тренер од 1989 година, а сите негови клупски ангажмани се врзани со клубови од неговата татковина. Ова му е трет ангажман на на клупата на националниот тим, а кога втор пат го водеше, во 2012 година, стигна до историскиот успех и сребрен медал на Азиското континентално првенство. Следната година ја одведе репрезентацијата до првиот настап на светско првенство по 1978 година. Во својата колекција има девет титули шампион на Филипини, а шест пати бил прогласен за тренер на годината.

Со оглед на тоа што е ко-домаќин на Светското првенство, Филипини не ограше квалификации, но формата на оваа репрезентација е голема непознаница бидејќи за време на подготовките одигра само еден пријателски дуели и тоа против Брегот на Слоновата Коска на кој триумфираше со 85-62.
Иако се очекува да има голема поддршка, пред Филипини е голем предизвик да ја помине групната фаза имајќи предвид дека фаворити во групата се Италија и Доминиканска Република, а тука е и Ангола.