Најголемата кошаркарска велесила во Централна Америка по десетти пат во низа ќе учествува на светските првенства.
Всушност, од 1957 година кога е примен во ФИБА, Порторико пропуштил само два шампионата и тоа во 1970 година во Југославија и и 1982 година во Колумбија. Најголемиот успех го оствари во Аргентина во 1990 година со освојувањето на четвртото место и беше единствената репрезентација што го совлада тогашниот суверен Југославија која дојде до шампионската титула.

Во квалификациите за ова Светско првенство, Порторико заврши со биланс 8/4 со тоа што во првата фаза, во групата со САД, Куба и Мексико оствари 3/3, а во втората, со Бразил, Уругвај и Колумбија претрпе само еден пораз.
Најголемите надежи на Порториканците беа во Хосе Алварадо, но поради повреда што ја доживеа во март, тој не доби дозвола од Њу Орлеанс да настапи за репрезентацијата на шампионатот. Во негово отсуство, лидерската улога треба да ја преземе Тремонт Вотерс, поранешен НБА играч кој на шест одиграни натпревари во квалификациите, просечно постигнуваше по 17,5 поени и повеќе од 6 асистенции. Последната сезона ја помина во францускиот Метрополитен каде беше најважен играч, по Виктор Венбанјама со просек од над 18 поени. Тандемот во рекетот Ортис-Ромеро имаше огромен придонес во квалификациите, но тука се уште Стивен Томпсон, Џорџ Кондит и довчерашниот кошаркар на Црвена Звезда, Џон Холанд.

Селектор на Порторико е 40-годишниот Нелсон Колон кој нешто повеќе од една деценија работи како тренер. Сите негови досегашни ангажмани се во клубови од татковината, но може да се пофали со четири титули во домашното првенство, а три пати беше прогласен за тренер на годината.
Во подготовките за Светското првенство, Порторико одигра шест натпревари, а ја победи само Доминиканска Република со тоа што од Србија загуби со 35 разлика во меч во кој губеше и со 52 поена. Во групата Б, со Србија, Кина и Јужен Судан, репрезентацијата на Порторико има добри шанси за пласман во нокаут фазата. Се чини дека клучен ќе биде дуелот со Кина кој е закажан за последното коло.