Дуелот против најслабиот тим во лигата требаше да биде само посериозен тренинг за шампионот Денвер Нагетс.
Место тоа, се претвори во драма во која победникот се решаваше во последните две минути. Денвер цело второ полувреме беше без својот најдобар играч Никола Јокиќ, а од првата четвртина остана и без тренерот Мајк Мелоун.
Никола Јокиќ беше исклучен затоа што нервозно реагираше кон судиите на грубата игра на противничките кошаркари. При еден дуел, побара објаснување од еден од арбитрите, но место тоа, доби техничка грешка која за него беше втора и автоматски му беше покажан патот кон соблекувалната.
Од слични причини беше исклучен и тренерот Мајк Мелоун, па двајцата од соблекувалната го изгледаа вториот дел во кој Денвер дури во финишот го победи домашниот тим.

На 90 секунди пред крајот, резултатот беше израмнет (103-103), потоа Гордон поентираше под фаул и го однесе Денвер на +3, а Детроит во финишот имаше шанса со тројка да дојде до израмнување. Место тоа, Канингем тргна на влез, беше непрецизен и Реџи Џексон од линијата за слободни фрлања го постави конечниот резултат.
Џексон и Колдвел Поуп го однесоа Денвер до десеттата победа во сезоната, прва по двата пораза во низа, додека Детроит го претрпе 12. пораз по ред и вкупно 13. оваа сезона.