Од денеска нема екипи без победа во Евролигата откако Асвел го оствари првиот триумф, совладувајќи го Жалгирис во Каунас со 91-88.
Французите го добија натпреварот благодарение на серијата од 11-2 во последните минути и од 80-86 дојдоа до победата. Тоа беше прв триумф на Асвел во Евролигата оваа сезона и прв по 26 јануари годинава од кога овој тим загуби 17 натпревари во низа.
Исклучително драматично беше во Истанбул каде Фенербахче го победи Олимпијакос со 79-77, но до последната секунда се водеше жестока борба. Домашниот тим во втората четвртина имаше и 16 поени предност, но Олимпијакос во последниот напад доби шанса за израмнување. Трагичар беше Никола Милутинов кој со истекот на времето не успеа да ја вметне топката во обрачот по обидот на Најџел Вилијамс Гос.
Уште едно непријатно изненадување на своите навивачи им приреди Олимпија Милано која го претрпе четвртиот пораз во низа откако на домашен терен загуби од Монако со 66-72 во уште еден драматичен финиш вечерва. Италијанскиот шампион сега е на последното место на табелата со биланс 1/5, колку што имаат и Алба и Асвел.