Денеска се навршуваат 25 години од еден од најмаркантните, ако не и најмаркантен шут во историјата на НБА лигата, а секако момент кој ја одбележа кариерата на Мајкл Џордан и на златната генерација на Чикаго Булс.
На 14 јуни 1998 година, Јута и Чикаго го играа шестиот натпревар од финалната серија во НБА лигата. Булс водеа со 3-2, но според тогашниот систем, последните два меча требаше да се играат во Солт Лејк Сити. Евентуален триумф на Јута ќе значеше израмнување на серијата и „мајсторка“, повторно на теренот на Џез, пред преполни трибини и заглушувачка галама.
На 20-тина секунди пред крајот, Јута водеше со 86-85 и имаше напад. Топката дојде до Мелоун, Мајкл Џордан му се прикраде и му ја одзеде од раце, а потоа, до крајот на нападот не ја даде никому. Јасно беше дека е решен сам да оди до крај, без разлика на исходот. Покрај него беше Брајон Расел, во тоа време еден од најдобрите одбранбени играчи во НБА. Џордан тргна, го оттурна малку со раката противничкиот играч кој малку и се подлизна, а потоа од врвот на рекетот шутираше и погоди „без коски“.
Тој шут не беше последен во кариерата на Џордан, но беше последен во дресот на Чикаго Булс, симболичен и, за жал, означи крај на една од најмоќните династии во историјата на НБА, династија која за осум сезони освои шест шампионски титули. Кошот беше постигнат на 6,6 секунди пред крајот за шести шампионски трофеј на Џордан и Чикаго. По таа сезона, Џордан вторпат се повлече и не играше три години по што се врати во НБА, но во дресот на Вашингтон Визардс каде во 2003 дефинитивно се пензионираше.