Екипата на Денвер Нагетс поведе со 3-1 во финалето од НБА лигата откако го доби и вториот натпревар што се играше во Мајами.
Тимот од Колорадо славеше со 108-95 и во следните три меча му треба уште еден триумф за да ја освои првата шампионска титула во историјата. Тоа може да го направи веќе на претстојниот натпревар на кој ќе биде во улога на домаќин, а традицијата вели дека екипите кои воделе со 3-1, најчесто излегувале како победници во сериите. Односот р 35-1, а исклучок од ова е победата на Кливленд Кавалирс во 2016 година кога по таква негатива, ја освои шампионската титула против Голден Стејт.
И синоќешниот натпревар помина во доминација на Денвер кој контролата над резултатот ја презеде во втората четвртина и почна константно да го меле домашниот тим. Пред крајот на полувремето беше +9 за Нагетс (54-45), но веќе во третата четвртина, разликата се искачи на 13, за пред крајот на мечот да ги достигне највисоките 17. Мајами во ниеден момент не беше ни блиску до победа и израмнување на резултатот.

Уште еднаш се покажа дека иако го има фантастичниот Никола Јокиќ, Денвер е пред се, силен колектив во кој секој може да избие во преден план. Синоќа тоа беше Арон Гордон кој постигна 27 поени со шут од игра 11/15. Јокиќ влезе во проблеми со лични грешки на почетокот од последната четвртина, па го одигра статистички најлошиот натпревар во оваа серија, постигнувајќи „само“ 23 поени, 12 скока и 4 асистенции. Кај Мајами се истакна Батлер со 25 поени, 7 скока и 7 асистенции, далеку од доволно за победа на домашниот тим.
Серијата се враќа во Денвер каде Нагетс ќе имаат шанса да ја освојат првата титула во историјата и да стават крај на фантастичната сезона. Петтиот натпревар е на програмата во вторник во 2:30 часот по средноевропско време.