(ВИДЕО) Ефектот на Гасол – полна сала и индекс 39

0Shares
0 0

По 13 години во НБА лигата и една освоена шампионска титула, Марк Гасол се врати во татковината, но не во елитната, туку во втората дивизија, како член на Жирона чиј сопственик е.

Своето деби за новиот клуб го забележа синоќа против Хуеска во мечот кој Жирона триумфираше со 89-47 и ја прекина серијата од седум порази во ЛЕБ Оро лигата. Тоа е само трета победа сезонава за каталонскиот клуб кого го очекува жестока борба за пласман во плеј-офот, а потоа и за место во АЦБ лигата.

Ефектот на Гасол веднаш се почувствува, не само поради тоа што салата беше преполна, туку и со неговата игра. Противниците немаа одговор за поранешниот НБА кошаркар кој за само 21 минути постигна 19 поени и 16 скока за индекс 39.

Жирона сега е оддалечена две победи од деветтата позиција на табелата, последна која води во плеј-офот, но до крајот има да се играат уште 24 кола.

Гасол играше во Жирона и пред да замине во НБА, но тоа не е истиот клуб со кого во 2007 година го освои трофејот во ФИБА Еврокупот, предводен од Светислав Пешиќ, а во кој играа Багариќ, Сан Еметерио, Кешељ, Фучка, Саленга итн. Овој е формиран во 2014 година под името ЦЕБ Марк Гасол, по две години го смени името во ЦЕБ Жирона Марк Гасол, а од 2017 се вика Баскет Жирона.

0Shares
0 0