Партизан и Црвена Звезда ќе играат „мајсторка“ за титулата во АБА лигата, но се чини дека актерите на двете екипи се веќе преморени од она што се случува во финалната серија.
Досегашните четири натпревари ги одбележаа тензии, инциденти, прекини и, за жал, повеќе се зборуваше за тоа, отколку за квалитетот на кошаркарите на Партизан и Звезда и нивните потези. Сето тоа можеше да се забележи и по изјавата на тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ по натпреварот.
„Пред 15-тина дена гледав НБА и потоа на некоја наша телевизија имаше снимка од дуел меѓу Партизан и Црвена Звезда од 1987 година. Тогаш бев играч, а на трибините имаше навивачи на двете екипи, во Халата на спортовите и сите навиваа на фин и културен начин. Што се случи потоа за сега да имаме вакви ситуации? За што се работи?
Видов денеска едно дете, со мајка му и татко му како ни покажува среден прст и го плука наашиот автобус, а мајката се смее. Многу би сакал да не дојдеме во ваква ситуација со навивачите на Партизан. Треба да се игра кошарка, ги молам навивачите да не дојде до тоа.
Post-game press conference | @kkcrvenazvezda – @PartizanBC https://t.co/zBXND9ybXW
— AdmiralBet ABA League (@ABA_League) June 20, 2023
Играчите на Партизан и Звезда заслужуваат да се зборува за кошарка, сфаќате ли колку квалитет има во овие две екипи? Дали овие играчи кога ќе заврши сезоната, ќе стават прст на чело и ќе се прашаат дали треба да останат овде, меѓу нас, вакви какви што сме. Тоа е прашање на сите прашања, јас тоа се прашувам сам себе последните денови. Кој сее омраза? Кој е тој што почна да сее омраза за да почне да се случува ова? Немам ништо повеќе да кажам“, рече Обрадовиќ и ја напушти прес-конференцијата.
Петтиот натпревар од финалето се игра в четврток од 20 часот во белградската Арена и на него ќе биде донесена одлуката за новиот шампион во АБА лигата.