Во само пет натпревари, завршената е финалната серија во НБА лигата и тоа со триумф на Денвер Нагетс од 4-1.
Екипата од Колорадо триумфираше во петтиот меч, на домашен терен со 94-89 и првпат во историјата на франшизата е шампион на НБА. Со тоа, Денвер ја круниса доминантната сезона во која го освои првото место во Западната конференција во основниот дел, а потоа, без никакви проблеми, со вкупно четири порази во целиот плејоф, се искачи на тронот.
Сето тоа го направи на плеќите на фантастичниот Никола Јокиќ кој иако не беше МВП на основниот дел од сезоната, покажа дека во моментов е најдобар играч во лигата. И на петтиот натпревар, на кој малку работи му поаѓаа од рака на Денвер, веројатно поради големиот притисок, српскиот ас беше на своето ниво и го предводеше тимот до триумфот.
Првото полувреме помина во знакот на Мајами кој во втората четвртина имаше и двоцифрена предност (39-29), а на голем одмор замина со +7 (51-44). Ако се земе предвид дека во тие 24 минути Денвер имаше 1/15 за тројка и 3/8 од линијата за слободни фрлања, тоа беше одличен резултат за Јокиќ и компанија. Се се смени во првата половина од третата четвртина, Јокиќ постигна осум поени, Мареј конечно погоди тројка и резултатот беше 60-60.

Ветеранот Кајл Лаури го одржуваше Мајами во игра, но Јокиќ веќе беше разигран и Денвер отиде на 86-79. Батлер се обиде да ја одржи неизвесноста, постигна девет поени по ред и мечот повторно беше во егал. На сцена потоа стапија соиграчите на Јокиќ, Браун направи офанзивен скок, а на половина минути Колдвел Поуп украде топка и поентираше по што славјето можеше да почне.
Јокиќ заврши со 28 поени, 16 скока и 4 асистенции, Портер оствари дабл дабл со 16 поени и 13 скока, а Мареј уште 14 поени, 8 скока и 8 асистенции. Кај Мајами, кој го загуби третото финале по ред по 2014 и 2020 година, најефикасен беше Батлер со 22 поена.