Во мноштвото приказни од неодамнешното Светско првенство во Филипини, Јапонија и Индонезија, една од поинтересните е онаа поврзана со Лука Дончиќ и неговите фанови од Манила.
На натпреварите на словенечката репрезентација во престолнината на Филипини, често можеше да се види натпис: Лука, го добив своето име по тебе. Го истакнуваше брачен пар, со мало детенце во рацете кое, всушност, е главен лик во приказната.

Детенцето се вика Лука Висенте Паоло, негов татко е Принс Риверо, поранешен филипински кошаркар кој заедно со својата сопруга беше редовен на натпреварите на Словенија. Нивен омилен играч е Дончиќ и тие не ја пропуштиле шансата во живо да ги следат неговите настапи.
Словенецот им се оддолжи по натпреварот за седмото место на првенството, против Италија. На него, кошаркарот на Далас беше прогласен за најдобар играч, а трофејот кој го доби за тоа, преку посредник од репрезентацијата му го подари на малиот Лука. На среќата на филипинската брачна двојка ѝ немаше крај, а едногодишното Филипинче сега има нова омилена играчка.