Засилувањето на Милвоки Бакс, Дејмијан Лилард имаше фантастично деби за новиот тим и има најголема заслуга за триумфот против Филаделфија со 118-117.
Довчерашниот играч на Портланд постигна 39 поени, вклучувајќи 14 од последните 16 на својот тим. Сиксерс имаа +19 во текот на мечот, водеа со 102-94 во последната четвртина, Милвоки одговори со серија од 8-0, а потоа на сцена стапи Лилард кој го уништи противникот. Со своите 39 поени, тој стана рекордер на деби натпревар за Милвоки, надминувајќи го Тери Камингс кој пред речиси четири децении постигна 34.
Покрај него, се истакна уште Јанис Адетокунбо со 23 поени и 13 скока. Кај Филаделфија, најефикасен беше Макси со 31 поен, Убре додае 27, а Ембид 24.
Лос Анџелес Лејкерс ја оствари првата победа во сезоната откако на домашен терен го победи Феникс со 100-95. Тоа беше прв официјален дуел меѓу Леброн Џејмс и Кевин Дурант по Божиќ 2018 година, а го доби повозрасниот и потрофеен играч.
Индивидуалната пресметка му припадна на Дурант кој постигна 39 поени и 11 скока, но на крајот поголемо значење имаше 21 поен на Леброн кој додаде уште 9 асистенции и 8 скока. Ентони Дејвис беше прв стрелец на Лејкерс со 30 поени, плус 12 скока.