(ВИДЕО) Лука Дончиќ без милост: И вториот лански финалист е елиминиран

0Shares
0 0

По Милвоки Бакс, својот пат во конференциското полуфинале го заврши и Феникс Санс кој лани се бореше за титулата во НБА.

Лука Дончиќ го предводеше Далас до победа од 123-90 против Феникс и Мавс првпат по 2011 година се во финалето на Западот. Таа фамозна сезона, екипата од Тексас ја освои својата прва и засега единствена титула, но оттогаш, до оваа натпреварувача кампања, не успеа ниеднаш да ја помине првата рунда.

Сега одигра фантастично, на крилјата на словенечкиот ас кој уште во првото полувреме покажа дека е расположен за игра. По 24 минути, постигна 27 поени, колку цела екипа на Феникс, а Далас имаше водство од неверојатни 30 поени разлика (57-27). До крајот на третата четвртина, предноста на гостинскиот тим порасна до 42 поена.

Дончиќ малку застана во второто полувреме, но тука беа останатите играчи да го надополнат за убедливата победа. Словенецот заврши со 35 поени плус 10 скока и 4 асистенции, а Далас ги имаше тројцата најдобри стрелци на натпреварот. Динвидите постигна уште 30, а Брансон 24 поени, па тие двајца, заедно со Дончиќ реализираа само еден поен помалку од целата екипа на Феникс. Кај Санс, за кого ова е големо разочарување, најефикасниот играч имаше само 12 поени – Џонсон.

Во финалето на Западот, Далас ќе игра против Голден Стејт и повторно нема да ја има предноста на домашниот терен. Серијата почнува в четврток во 3 часот по полноќ по средноевропско време.

0Shares
0 0