Денвер Нагетс поведе со 1-0 во финалето на НБА лигата откако без никакви проблеми на домашен терен славеше со 104-93.
Со тоа ја продолжи серијата победи на домашен терен во годинашниот плејоф во кој пред своите навивачи има биланс 9-0. Сите прогнози од пред почетокот на серијата се покажаа точни бидејќи Мајами не успеа да најде одговор за Никола Јокиќ и Џамал Мареј, а зоната која им донесе победа против Бостон, сега не профункционира против шутерска екипа со дистрибутер во средината. За поголемиот дел играчи од ротацијата на Мајами, финалето се покажа како преголема сцена, а без нив, тимот од Флорида е немоќен.
Победата на Денвер можеше да биде и поубедлива бидејќи на полувреме беше +17, а пред крајот на третата четвртина и +24 (84-60). Со серија од 14-0, Мајами се доближи на само десет поени негатива и ја врати неизвесноста, подоцна се доближи и на -9, но немаше сила да направи пресврт. Сепак, можеби играта од последната четвртина ќе биде рецепт за Мајами за вториот натпревар иако е впечаток дека во тој период Денвер малку се опушти и почна да ја слави победата што секако нема да се случи во важни моменти во иднина.
Во уште еден сегмент постои голем простор за напредок кај Мајами, а тоа е агресивноста во нападот. Во текот на целиот натпревар, гостите изведоа само две слободни фрлања, наспроти 20 на кошаркарите на Денвер. Меѓу другото, за тоа придонесе преголемото инсистирање на шут од дистанца, па играчите на Ерик Сполстра шутнаа дури 39 тројки од кои погодија точно една третина.
Уште еднаш се покажа дека главен фактор за сите успеси на Денвер оваа сезона е Никола Јокиќ кој и ова финале го почна со трипл дабл. За 40 минути во игра постигна трипл дабч со 27 поени, 14 асистенции и 10 скока, а интересно е тоа што до ваков ефект стигна со само 12 шута од игра. Уште во првото полувреме оствари 10 асистенции, а тој воопшто не се обидуваше да инсистира, акциите да одат преку него. Изведе и 12 слободни фрлања од кои погоди 10. Се истакна и Мареј со 26 поени и 10 асистенции, како и Портер со 20 поени и 13 скока.

Кај Мајами потфрли оној од кого најмногу се очекуваше – Џими Батлер. За 38 минути постигна само 13 поени и 7 скока, неговиот ефект делумно го покри Адебајо со 26 поени, но изостана помошта од епизодистите кои претходно ги добиваа натпреварите: Струс шутираше 0/10, Мартин 1/7, а Робинсон 1/6. Сите тројца заедно постигнаа вкупно шест поени, ефект со кој не може да се победи Денвер.
Шанса за поправен, Мајами ќе има в понеделник рано наутро, од 2 часот по полноќ по средноевропско време. За да дојде до брејк ќе мора да одигра многу подобро од првиот меч.