Машката македонска У14 репрезентација ја победи Бугарија со 60-55 во првото коло од меѓународниот турнир во Скопје, во рамките на проектот „Заедно до 16“.
Сепак, натпреварот мина во исклучително тензична атмосфера и за малку немаше да го дочека својот крај бидејќи на нешто помалку од четири минути пред крајот, селекторот на бугарската репрезентација Веселинов ги повлече своите кошаркари, незадоволен од неколку судиски одлуки. Пред прекинот, Македонија направи серија од 10-0 и поведе со 53-46 што ги изнервира противниците и заминаа во соблекувална.
По 20-минутен прекин, Бугарите, сепак, се вратија на терен и натпреварот се доигра, а Македонија ја оствари првата победа. Можеби во сето ова не би имало ништо чудно, ако не се знае дека станува збор за развоен турнир кој нема никакво резултатско значење служи за напредок на младите кошаркари, а учествуваат уште Романија, Турција и Косово. На Бугарите ова не им е прв ваков случај бидејќи исто се однесуваа и на претходниот турнир што се одржа во Косово.
Без оглед на протестите од бугарската репрезентација, победата на Македонија е чиста како солза и голем импулс за нашите млади кошаркари. Илиев со 20 поени беше најефикасен, Гиновски постигна 19, а се истакна и Беговски со 5 поени и 12 скока.