(ВИДЕО) Милвоки ја освои титулата по 50 години, Јанис сам го уништи Феникс

0Shares
0 0

Висконсин слави. Милвоки Бакс по втор пат во историјата на франшизата станаа шампиони во НБА лигата. По 50 години Милвоки успеа да го освои прстенот и тоа по голем пресврт во серијата, а во одлучувачкиот шести натпревар Јанис Адетокумбо го демолираше Феникс.

Публиката му скандираше „МВП“ и тоа сосема заслужено. Практично самиот ги победи Санс, постигнувајќи 50 поени. Симболично за првата титула по 50 години до која Милвоки дојде со победа од 105:98.

Феникс водеше со 2-0 во серијата, а Јанис Адетокумбо, Крис Мидлтон и останатите се разиграа, врзаа четири победи во низа и станаа само петтиот тим кој успеал да направи ваков резултат во финалната серија.

Милвоки и Фекинс приредија спектакл во текот на целото финале, но дефинитивно грчкиот кошаркар е приказна за себе. Од самиот старт на шестиот натпревар во серијата покажа дека нема намера да игра мајсторка, а покрај 50-те поени, собра и 14 скока, додека шутот од игра му беше 16 од 25. Адетокумбо го носеше тимот во поголемиот дел од финалето, а во последната минута од мечот исклучително важен шут погоди и Крис Мидлтон. Со овие поени тој ги одби налетите на Санс, а победата ја завери токму Јанис од линијата за слободни фрлања.

Но, без резултатска тензија не можеше да помине ниту овој меч, Крис Пол и Деандре Ејтон одлично соработуваа, но недостасуваше само уште малку за да се изборат за мајсторка. Санс делуваа незапирливо на моменти, Милвоки беше во нокдаун, но се крена и покажа дека има сили за пресврт. Како во серијата, така и на синоќешниот меч.

Крис Пол постигна 26 поени, а имаше и пет асистенции, но тоа беше премалку за да му парира на Јанис. Девин Букер запиша 19 поени, Краудер имаше дабл-дабл со 15 поени и 13 скока, а Ејтон заврши со 12 поени.

Кај шампионскиот тим, покрај Адетокумбо кој постигна речиси половина од поените, Крис Мидлтон броеше до 17, Боби Портис имаше еден помалку, а Џру Холидеј 12 поени, 11 асистенции и девет скока.

0Shares
0 0