Дека не се работи само за судир меѓу навивачите на Партизан и Црвена Звезда, туку има голема нетрпеливост и меѓу играчите на двете екипи, најдобар доказ е она што се случуваше по вечерашниот, четврти натпревар од финалната серија во АБА лигата.
Црвена Звезда победи и израмни на 2-2, а по завршувањето, во поттрибинскиот простор, изјава даваше играчот на оваа екипа Филип Петрушев. Додека го правеше тоа, покрај него поминаа противничките кошаркари Џејмс Нанели и Кевин Пантер кои упатија провокации кон него.
Нанели прво рече дека Петрушев не е многу важен играч, а Пантер потоа имитираше звуци од полициски сирени, алудирајќи на пријавата што српскиот репрезентативец ја поднесе против Матијас Лесор по тепачката на еден од лигашките натпревари меѓу Партизан и Звезда.