Освен што загуби на гостувањето кај Алба, пораз кој може скапо да го чини до крајот на сезоната, Анадолу Ефес вечерва остана и без својот најдобар играч Василије Мициќ.
Србинот одигра извонреден натпревар, постигна 30 поени, но не го дочека крајот затоа што се повреди на нешто повеќе од една секунда пред последниот звук на сирената. При еден влез на Маодо Ло, Мициќ остана на подот по што мораше да му биде укажана лекарска помош, а откако стана јасно дека не може да продолжи, седна на клупата за резервни играчи.
Ефес без него го одигра последниот напад во кој не успеа да постигне кош и загуби со 93-95. Деталните прегледи треба да покажат колку е сериозна повредата на Мициќ и дали тој, евентуално ќе паузира. На четири кола пред крајот, пред Ефес е тешка задача да избори пласман во плејофот и да се обиде да направи хет-трик во Евролигата.