На почетокот од оваа недела, Сакраменто го врати Филип Петрушев од својот развоен тим Стоктон Кингс и српскиот репрезентативец се најде на списокот на кошаркари за синоќешниот меч против Лос Анџелес Лејкерс.
Со оглед на тоа што Сакраменто како гостин порано го реши прашањето околу победникот, тренерот Мајк Браун одлучи да го стави во игра Петрушев во финишот од натпреварот. Ако се прашуваше Србинот, ќе потпишеше да остане на клупа бидејќи вака само доживеа уште едно од низата понижувања во НБА.
Во игра влезе на 11,6 секунди пред крајот и не учествуваше ниту во една акција на својата екипа. Дури не ја ни допре топката затоа што домашните кошаркари само ја пренесоа преку половина и оставија да истече времето.
Логиката вели дека Петрушев нема да го дочека вториот дел од сезоната во НБА. Причина за тоа е фактот што тој има загарантирани само 559.782 долари, а ако остане во некоја екипа по 10 јануари, треба да му бидат исплатени уште толку, односно вкупно 1.119.564 долари. Сезонава тој е дебитант во НБА, но досега има повеќе сменети екипи (3), отколку одиграни натпревари (2).