И покрај неиграњето на двете најголеми ѕвезди, актуелниот шампион во НБА лигата ноќеска прекина една исклучително непријатна серија.
На гостувањето кај Торонто, на Флорида, Лос Анџелес Лејкерс славеше со 110-101 со што ја оствари првата победа по 30 ноември 2014 година, односно по 12 порази во низа. Кога последен пат го совлада овој ривал, уште играше Коби Брајант и на тој меч оствари дабл-дабл, а Ник Јанг постигна 20 поени како резерва.
Бранителот на титулата ноќеска покажа неверојатна сила и доминација, во втората четвртина водеше и со 34 поени разлика (68-34) и во ниеден момент во текот на мечот не беше во негатива. Дури седуммина кошаркари на Лејкерс постигнаа двоцифрен број поени, најмногу Хортон Такер – 17. Најефикасен на мечот беше Паскал Сијакам од Торонто со 27 поени.
Шампионот полека фаќа ритам без Леброн Џејмс и Ентони Дејвис и ја оствари третата победа во последните пет меча. Тоа ги држи на петтата позиција на табелата во Западната конференција.